„Сигурен сум дека ова е почеток на многу нови иницијативи преку кои ќе им овозможиме на граѓаните, но и на компаниите, полесна комуникација со институциите на Владата. Земајќи во предвид дека наш стратешки фокус во следниот период е развојот на вештачката интелигенција, сметам дека отворањето на предизвикот токму на оваа тема, ќе биде сериозен исчекор во однос на технолошкото унапредување, но и показател дека во државата имаме компании кои можат да понудат решенија подеднакво квалитетни како светските“, започна Петров.
Директорот ги соопшти и деталите во врска со карактеристиките кои треба да ги поседува дигиталниот асистент како и начинот на аплицирање на јавниот повик кој е објавен на веб странцата на ФИТР.
„Дигиталниот асистент треба да е способен и да се справи со сложено барање, да разбере и да одговори на македонски, албански и англиски јазик со голема прецизност на природен начин. Исто така треба и да се справи со повеќе прашања и да е способен да го разбира македонскиот јазик подеднакво добро на латинично и кирилично писмо. Асистентот треба да обезбеди 24/7 достапност и непосредна пристапност до граѓаните преку Facebook Messenger, Viber и Web и да служи неограничен број луѓе истовремено. Времетраењето на проектот, за кој се доделени финансиски средства е 24 месеци, односно 12 месеци за развој и имплементација и 12 месеци за одржување и надградба. натпреварувачот треба да биде правен субјект кој ги исполнува следните услови: да е трговско друштво основано согласно Законот за трговски друштва и регистрирано во Централниот регистар на Република Северна Македонија, да е со мнозинска македонска сопственост (со 50,1% или повеќе), годишните приходи на претпријатието да не надминуваат 10 десет милиони евра во претходните две фискални години, според финансиските извештаи. Целосната листа на критериуми е достапна на веб страната на Фондот“, објасни директорот на ФИТР.
Петров посочи дека компаниите кои ќе поднесат апликација треба да презентираат дека имаат искуство и референци од претходно изработени и докажани решенија за дигитален асистент базиран на AI на македонски, албански и англиски јазик, во земјата и странство, а во предлог-проектот треба за финансирање треба да ги содржи следните активности: активности за тестирање, дизајн, активности за истражување и развој, активности за тренирање и ре-тренирање на дигиталниот асистент.
„Во однос на тоа кои трошоци се подобни за финансирање, ќе набројам дел од нив: бруто плати – износите на бруто плати за вработените лица ангажирани на проектот треба да соодветствуваат на воспоставените практики на корисникот на наградата пред почетокот на проектот, набавка и/или изнајмување на опрема и потрошни материјали за истражување и развој (набавка и/или изнајмување на сервер, хостинг и сл.), ангажирање на експерти/советници за истражување и развој. Би сакал да напоменам дека за развој на ова решение не се дозволени трошоци за набавка на лиценци на веќе постоечки решенија за градење на дигитален AI асистент“, презентираше директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров.
Главните критериуми според кои ќе се оценуваат предлог проектите се степенот на иновативност, капацитетот на проектниот тим, квалитетот на проектот, потенцијалот за имплементација и влијанието на проектот.
Предлог проектите ќе бидат оценувани од страна на Комисијата за оценување и избор, која е составена од двајца претставници од партнерската институција, двајца експерти во областа на предизвикот и еден претставник на Фондот.
Постапката за селекција и избор на проектите ќе се одвива во пет чекори, најпрво се прави административна проверка на проектната документација, односно дали е комплетна и во согласност со условите за подобност наведени во јавниот повик, потоа се донесува прва оцена на предлог-проектот, односно претселекција, следува селекција на најдобри предлог-проекти, по што ќе се овозможи презентација на претселектираните предлог-проекти пред Комисијата за оценување и избор. Последниот чекор е избор на победничко решение и потпишување на договор.
Процесот на аплицирање е исклучиво онлајн. Сите информации поврзани со повикот, потребната документација и начинот на аплицирање се достапни на: https://fitr.mk/digitalai/