Прочистување на воздухот и од најситните ПМ честички, прашина, вируси и бактерии, алергени, полен, хемикалии, но најважно од се од стакленичкиот гас – јаглероден диоксид, се можностите на иновативната македонска технологија на компанијата „Дарис инженеринг“. Компанијата е единствена во светот, која покрај НАСА, користи гранулирани филтри, направени од 100 отсто природни материјали кои апсорбираат 99 отсто од загадувачите на воздухот. Тие се вградени во четири типа на прочистувачи: за простории, за издувни гасови на автомобили и грејни тела, за внатрешниот простор во автомобилот, како и во уникатната кула за прочистување на амбиентален воздух.
Иноваторот и сопственик на „Дарис инженеринг“, Петре Ристески, за „Иновативност“ со гордост раскажува дека оваа уникатна технологијата е домашна, а веќе се произведени и примероци од првата серија на автомобилскиот прочистувач. Неодамна, „Дарис инженеринг“, во рамките на проект поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој, потпиша меморандум за соработка со Општината Ѓорче Петров за изградба на првиот иновативен амбиентален пречистувач на воздух со сопствената технологија.
Разговараше – Сања Наумовска
Г-дин Ристески, објаснете ни подетално за иновативната технологија која ја разви вашата компанија, особено за кулата за прочистување на амбиенталниот воздух, која е неопходна за градови со екстремна загаденост како Скопје?
Прочистувачот на амбиентален воздух на „Дарис инжинеринг“ е кула висока
6,5 метри, која е енергетски независна и се напојува од енергијата од сонцето. Работи на принцип на вшмукување на прашината и загадувачките честички од воздухот, кој по поминување низ филтерот, излегува целосно прочистен. Иновативноста на кулата и на другите типови прочистувачи кои ги развиваме, е во филтерот. Се работи за гранулиран филтер, кој не го користи никој во светот, освен НАСА на меѓународната вселенска станица. За разлика од постоечките филтри на пазарот, ХЕПА филтри, мрежести, платнести или хартиени, гранулираниот е уникатен затоа што е едноставен, направен целосно од природни материјали, гранулати, кои се сретнуваат и во нашата земја и во региониот. За производство користиме домашни ресурси, заради што филтерот е евтин за изработка и лесен за замена. Ако го споредиме со останатите типови на филтри, тој е и поконкурентен затоа што прочистува и подолго од една година, за разлика од постоечките технологии на филтри кои се запушуваат многу побрзо. Кога на тоа ќе се додаде и фактот дека цената на гранулираниот филтер во однос другите е двојно помала, ги прави нашите прочистувачи како краен производ многу поефикасни и поприфатливи на пазарот.
Колкав е капацитетот на прочистување на загадувачки материи на кулата? Колку кули му се потребни на Скопје, на пример, за жителите да дишат чист воздух?
Кулата во Ѓорче Петров, ќе биде поставена во декември и ќе биде со капацитет од 70.000 кубни метри воздух на час, што е многу. Таа ќе биде изградена и со можност да се зголеми нејзиниот капаците до 140.000 кубни метри со додавање на уште еден слој филтри и уште два вентилатори. Таа инвестиција би била само 10 отсто од чинењето на целата кула, а ќе ја дупллира неговата моќност. Во радиус од 150 метри се чувствува влијанието на амбиенталниот прочистувач, а издувувањата на чист воздух достигнуваат во радиус од 30 метри или 60 метри околу кулата, на висина од два метри. За Скопје, на пример се доволни околу 500 амбиентални пречистувачи за нивоата на загадување драстично да се намалат. Според досегашните истражувања, доволно е филтерот да се смени еднаш во годината. Тоа значи дека трошокот е незначителен, особено што е многу евтин. Кога ќе се пресмета колкава заштеда ќе биде направена за болничко лекување на луѓе заболени како последица на загаден воздух или колку животи ќе бидат спасени, излегува дека вредноста на пречистувачот е огромна. На пример, дел од средствата кои сега ги инвестираме за лекување, може да се насочат во овој тип прочистувачи кои ќе се постават во училишта, градинки, болници, јавни простори….
Што покажуваат испитувањата на вашата иновативна технологија? Каков е квалитетот на воздухот што излегува од гранулираниот филтер?
Амбиенталниот воздух е неблагодарен за прочистување бидејќи отворениот простор нема ограничување за движењето на прашината и штетните честички. Кулата ќе вшмукува воздух од сите страни, а во филтерот ќе се врзуваат честички и од субмикронско ниво од 0,1 микрометри па поголеми, меѓу кои и оние најопасните ПМ 2,5. Ефикасноста на прочистување е 99 отсто, за што во моментов чекаме и писмена потврда од Универзитетот „Гоце Делчев“. Сертификацијата на филтерот ни покажа дека, покрај сите овие штетни материи, нашата технологија пречистува и јаглероден диоксид, што ја прави единствена во светот.
Употребата на овој филтер во домашни услови, во затворен простор, на пример, покажува дека нивоата на јаглероден диоксид драстично паѓаат, па за тоа на Универзитетот се направи и анегдота. Експериментите покажале дека во испитната комора вредностите на CO2 од преку 2000 ппб се симнале на нула за само 15 минути, што во затворен простор создва недостаток на CO2. Професорите се шегуваа дека филтерот е толку ефикасен што домаќинките нема да ја одобрат нашата технологија, бидејќи ќе им ги исуши цвеќињата и ќе ги остави без CO2 за фотосинтеза. Но, шегата настрана, создадовме технологија која не само што го прочистува воздухот од загадувачки честички како ПМ, прашина, полен, бактерии, вируси, мириси, туку за првпат и од CO2. Поседуваме сертификат од лабораторијата на Земјоделскиот факултет во Скопје дека се апсорбираат и бактерии, а во Универзитетот во Штип се испитува и апсорпцијата на тешки метали, како олово, кадмиум, железо и сл.
Како дојдовте на идејата да експериментирате со филтри за прочистување на воздух?
Проблемот со загадениот воздух е голем во нашата земја, а јас веќе од студентските денови имав допир со научни трудови за прочистување на издувни гасови. Најинтересниот детал што го запомнив беше термоелектраната Аведоре 2 во Данска, која е сместена близу населено место и не создава никакви издувни гасови, ниту загадува. Филтрациската технологија која ја користи е доведена до степен да нема речиси никакви емисии во воздухот, па од тука започна мојот интерес за процесите на филтрирање, долгогодишното надградување на знаењата и истражувања. Иако има многу трудови на оваа тема, интересно е што се уште никаде не се користат гранулирани филтри. Пред три години успеав да најдам гранулат и да направам експеримент во домашни услови, поточно во пластично шише, кој беше неверојатно успешен. Тоа ми укажа дека сум на вистинскиот пат и дека иновацијата може да добие и комерцијална употреба. За кратко време идејата се финализираше, а со повикот на Фондот за нови проекти и влезе во посериозна фаза на разработка на деталите.
Какви се продукти развивте со оваа иновативна технологија, во рамките на соработката со ФИТР?
Проектот предвидуваше изработка на четири продукти со истата технологија. Првиот е наменет за пречистување на воздухот во автомобилите, а вториот е за прочистување во домови, канцеларии, болнички соби, хируршки сали итн. Третиот производ е за издувни гасови од печки и автомобили, а последниот е кулата за амбиентално прочистување на воздухот. Сите четири производи користат ист филтер со различни димензии. Проектот предвидува сите тие да дојдат до ниво на комерцијален производ подготвен за сериско проиводство. Дел од нив, поточно прочистувачот за во автомобил, веќе беше произведен како пилот серија и се продава на пазарот. Останати се само неколку прочистувачи, а веројатно до крајот на проектот ќе има и неколку модели и од собниот прочистувач. За кулата во Ѓорче Петров во моментов се изработува проект по кој ќе се гради, по што тој ќе биде достапен и за сите заинтересирани и за секаде каде што ќе има потреба. Се работи и на прочистувачот на издувни гасови за кој останува доработката на некои детали.
Споменавте дека соработувате со домашни компании кои ги изработуваат вашите иновативни прочистувачи на воздух. Како оди реализацијата од идеја до финален продукт?
Сите материјали и репроматеријали кои ни се потребни за сериско производство ги имаме во Македонија, вклучувајќи го и проектирањето и производството. Кулата за амбиенталниот прочистувач, на пример, се изработува за еден ден, бидејќи сите делови се префбарикувани тука и можат да се составуваат на лице место.
Какви се вашите планови за во иднина?
Нашата визија е да има прочистувач во секој дом во нашата земја. Планираме од идната година да почнеме со поагресивна кампања за освојување на пазарот, а секако во план ни е да излеземе и на странските пазари. Знаеме дека сме конкурентни со цената, а испитувањата на филтерните материјали ни докажаа дека технологијата ни е издржана и ни дава нови насоки за нејзина употреба во многу други индустрии, особено заради уникатноста на заробување на јаглеродниот диоксид, како еден од најголемите придонесувачи за стакленички гасови.
Последни објави
Архива
Cookie | Duration | Description |
---|---|---|
cookielawinfo-checkbox-analytics | 11 months | This cookie is set by GDPR Cookie Consent plugin. The cookie is used to store the user consent for the cookies in the category "Analytics". |
cookielawinfo-checkbox-functional | 11 months | The cookie is set by GDPR cookie consent to record the user consent for the cookies in the category "Functional". |
cookielawinfo-checkbox-necessary | 11 months | This cookie is set by GDPR Cookie Consent plugin. The cookies is used to store the user consent for the cookies in the category "Necessary". |
cookielawinfo-checkbox-others | 11 months | This cookie is set by GDPR Cookie Consent plugin. The cookie is used to store the user consent for the cookies in the category "Other. |
cookielawinfo-checkbox-performance | 11 months | This cookie is set by GDPR Cookie Consent plugin. The cookie is used to store the user consent for the cookies in the category "Performance". |
viewed_cookie_policy | 11 months | The cookie is set by the GDPR Cookie Consent plugin and is used to store whether or not user has consented to the use of cookies. It does not store any personal data. |