По појавата на коронавирусот тимот на Џетмајндс на Министерството за образование му ја понуди бесплатно својата платформа за изведување на настава, но не добиле никаков одговор, ниту пак потоа биле контактирани туку, како што велат, нетранспарентно е избрано да се направи сега актуелната Национална платформа. Наспроти тоа, пак, нивната соработка со Фондот за иновации продолжи. Тимот на Џетмајндс вели дека и натаму му останува на располагање на Министерството за образование.
За квалитетот на нашето образование, класичното пред пандемијата, но и за онлајн-учењето, кое се наметна како неопходна антикризна мерка, за потребата од приватни часови што за повеќето семејства се луксуз, како и за нивниот придонес во образованието во земјава преку платформата JetMinds, која во најголем дел е бесплатна за корисниците, а е креирана со поддршка од ФИТР, разговараме со Стефан Јовановски, првиот човек на Sigmoid/JetMinds.
Поради пандемијата оваа учебна година во најголем дел се одвива со учење на далечина, онлајн-учење. Вашата платформа Џетмајндс (JetMinds.org) функционира од 2019 година кога сè уште немаше неопходност од ваков тип на учење. Како се „лансиравте“ на пазарот? Каков е интересот за платформата, односно колку корисници има?
– Точно, ние работевме на Џетмајндс од 2017 година. Почнавме со функционален прототип, а на наше изненадување добивме и поддршка од Фондот за иновации нешто подоцна во 2018 година. Секако, тоа беше голема отскочна даска. Тимот се прошири на 20-на луѓе, вклучително универзитетски професори, виши специјалисти од Бирото за развој на образование, но и млади дипломци од ФИНКИ/ПМФ и други факултети. Така што, направивме еден хибрид помеѓу искуството и иновацијата во однос на едукативните материјали што ги развивавме.
Самата материја се развиваше постепено, односно најчесто со четири, пет верзии за секоја лекција, сѐ со цел да се осигуриме дека нема компромис помеѓу квантитетот и квалитетот на лекциите.
Џетмајндс официјално се лансираше во декември 2019 година. Веќе до март 2020 имавме повеќе од 10.000 активни корисници.
Кога настана кризата предизвикана од ковид-19, ние бевме единствената платформа во државата што беше целосно функционална. Се одѕвавме и на повикот на државата да придонесеме кон решавање на проблемот, така што во средината на март 2020 го отворивме бесплатно системот за сите ученици.
Во овој период илјадници деца учеа на Џетмајндс кога постоеше недостиг од каква било друга алтернатива. Така што, сметаме дека е еден убав пример за стартап-продукт, односно стартап-продукт поддржан од ФИТР, кој сепак се покажал успешен уште од самиот почеток.
Воедно, би сакале и да нагласиме дека во тој период ние имавме испратено и понуда до Министерството за образование во која се нафативме да го опслужуваме македонскиот пазар бесплатно сѐ додека додека трае кризата.
Меѓутоа, одговор од кабинетот на тогашниот министер немаше. Напротив, се одлучи да се развива платформа од ново. Беше избран и изведувач на прилично нетранспарентен начин, без никаков оглас или тендер. Резултатите сите ги видоа. Набрзина направени лекции, злоупотребени авторските права на професорите, реакции од дел од амбасади поради користење нелиценцирани софтвери, како и потрошени средства на македонските даночни обврзници, кои сѐ уште не е јасно колку изнесуваат. Сметаме дека тука дел од институциите на државата потфрлија.
Мора да бидеме искрени, во целиот процес имавме константна поддршка од Фондот за иновации, преку маркетинг-кампањи, организирање неформални средби…
На пример, во соседна Бугарија наместо да се национализира пазарот како кај нас, државата поддржа локална стартап-компанија (ucha.se), која денес за сметка на тоа успеа да се прошири и во Романија. Таа компанија денес вработува повеќе луѓе, со повисоки плати и плаќа повеќе данок.
Од каде идејата за платформата, на кој начин функционира, дали е во тек со официјалната образовна програма во земјава?
– Идејата за Џетмајндс дојде многу природно… Јас користев интензивно платформи како Coursera и edX за време на постдипломските студии по статистика во Скопје. Така што, иако студирав на УКИМ, сепак имав можност онлајн да бидам во тек со најновите технологии преку предавања од некои од најдобрите универзитети во светот како Стенфорд, МИТ, Харвард итн. Вештините што ги стекнав пред сѐ на овие платформи, а не на редовните студии, ми овозможија понатаму да работам како научник за податоци во централата на Сосиет женерал во Париз. Чисто за перспектива, станува збор за 2014/5 година, кога темата воопшто не беше актуелна во Македонија.
Неколку години подоцна, со останатите основачи разговаравме на темата како потфрла образовниот систем, особено со СТЕМ-предметите како математика и како родителите се приморани да ги испраќаат децата на приватни часови доколку сакаат да постигнат резултат.
Оттука се јави и идејата да се обидеме да креираме платформа каде што секое дете ќе може да го добие искуството што би го имало на приватен час, по секој предмет од училиште, но и на мајчин јазик и по официјалната училишна програма.
Како што веќе кажав, се лансиравме во декември 2019 и за време на зимскиот семестар во 2020 платформата активно ја користеа нешто повеќе од 20.000 ученици.
Реакциите од корисниците беа исклучително позитивни, а беше споделена и од голем број училишта, како и општини и медиуми како ресурс за учење од далечина.
Со бесплатната верзија на Џетмајндс корисниците имаат пристап до сите видеoлекции на платформата. Меѓутоа, постои дневен лимит од 3 целосно изгледани лекции. Откако ќе се надмине тој лимит, платформата овозможува да се гледаат бесплатно само првите 60 секунди од лекциите. Лимитот се ресетира на полноќ.
Со премиум пакетот наЏетмајндс, корисниците добиваат неограничен пристап до лекциите, можност да решаваат прашања, пристап до детална аналитика за нивното учење, како и учење без реклами.
Што сметате дека е клучно за учениците, родителите и наставниците да се одлучат за користење на оваа платформа со оглед дека веќе се појави и онаа на МОН, преку која учениците следат настава?
– Образовниот систем е нешто што опфаќа многу работи. Платформата што ја разви МОН во суштина е антикризна мерка. Беше направена во период од 2 недели, така што за очекување е дека ќе има многу пропусти. Но дури и да ги немаше, платформата на МОН е рефлексија на постојниот образовен систем. Да бидеме реални, ние имавме проблем со образовниот систем и пред кризата предизвикана од ковид.
Не е случајно кога учениците што навидум немаат талент по одреден предмет стануваат одлични ученици откако ќе почнат да посетуваат приватни часови. Ниту е случајно што приватните средни училишта испраќаат диспропорционално поголем број ученици на најдобрите универзитети во светот. Предизвикот не е образование. Предизвикот е како до добро образование. Ние се фокусираме на еден конкретен проблем – како да го симулираме искуството што би го имал ученик на приватен час со добар тутор преку технологија.
Постои опсежна студија уште од 1980-те години, позната како Блумов 2-Сигма проблем, која укажува дека ученик кој посетува приватен час постигнува подобри резултати од 90% од учениците кои посетуваат стандарден час. Ова е до одреден степен и за очекување, доколку земеме предвид дека на еден стандарден час професорот предава за ученик со средно ниво на познавање, при што учениците што имаат малку познавања лесно се губат во лекцијата, односно на најдобрите ученици таа им е здодевна како спротивен екстрем. Приватниот тутор може да го процени нивото на знаење на ученикот непосредно, па така и да го приспособи предавањето. Така што, како општество веќе одамна знаеме што е потребно за да постигнеме драстично подобри резултати во образованието.
Суштинскиот проблем е како да обезбедиме добар приватен тутор за секое дете, по секој предмет, но и финансиски прифатлив. Кој е вашиот став?
– Сметаме дека единствениот начин што е соодветен е со примена на технологијата. Тоа е всушност заедничка тема на прогресот во секоја индустрија. Решението на транспортната индустрија не било побрз коњ пред еден век, туку нови технологии во форма на возови/автомобили/авиони. Слично, не можеме да обезбедиме приватен тутор за секое дете, но можеме да користиме технологии кои ќе го симулираат искуството на учење со добар приватен тутор.
Во таа насока, да, сметаме дека сме на добар пат да направиме продукт што прави суштинска разлика во областа на образованието. Бројот на корисниците што ги имаме, како и претплатите, укажуваат дека добар дел од родителите исто така го разбираат тоа. Ние секако сме им многу благодарни за поддршката.
Проектот го развивте со поддршка од ФИТР. Во што се состоеше таа и колку ви беше од значење?
Точно, на два наврати добивме поддршка од страна на Фондот за иновации. Без поддршката од страна на ФИТР може слободно да се каже дека Џетмајндс немаше да биде она што е денес како продукт. Можеби кога се гледаат филмови за настанокот на компании како Фејсбук или Епл, целиот процес изгледа дека се случува преку ноќ и дека е резултат на еден генијален човек. Во пракса, развојот на продукти е тимска работа и бара значителни ресурси.
Без т.н. Сенд Хил роуд или Венчр капитал индустријата, не би постоела Силиконската долина. Не би бил ниту Израел еден од лидерите во технологија без државниот ВЦ фонд – Јозма. Не мора да одиме и подалеку од регионот, Бугарија направи состојба на експлозија од стартапи со нивните два VC фондови во истиот период додека не постоеше стартап индустрија во Македонија. Ваквата состојба кај нас од статус кво ја помести значително Фондот за иновации.
Она што беше за нас интересно искуство е што воопшто не очекувавме позитивен одговор од Фондот. Аплициравме за првпат во мај/јуни 2018 и бевме одбиени. Почнаа да се јавуваат сомнежи и кај нас дека, како и сѐ друго во Македонија, процесот е наместен. Меѓутоа, пробавме уште еднаш и вториот пат влеговме во потесен круг. Имавме прилично тензично интервју со Инвестицискиот комитет. Кога излеговме од интервјуто, бевме сигурни дека нема да добиеме инвестиција, но бевме позитивно изненадени еден месец подоцна. Веројатно бевме тестирани колку добро ќе ја одбраниме визијата зад продуктот.
Би сакале да нагласиме дека поддршката не беше само финансиска. Фондот нè поддржа и од маркетинг-аспект, со вмрежување, неформални средби и на повеќе други начини. Се надеваме дека ќе продолжат со работа уште долго, како и дека дел од продуктите што ги поддржуваат ќе станат големи компании во Македонија. Ако го погледнете МБИ-10 индексот, по малку депресивно е тоа што гледате само компании направени во претходната држава. Би сакале да видиме дел од компаниите поддржани од Фондот да бидат катализатор на овие промени.
Ваше видување, со оглед дека ставовите во општеството се поделени, колку земјава е подготвена за ваков тип на настава, колку се прават напори да профункционира ваквиот образовен модел, каква е улогата на родителите, што велат светските трендови….
– Ние сме делумно загрижени во однос на перцепцијата што се создаде последните неколку месеци дека онлајн образованието е неквалитетно образование. Проблемот со оваа перцепција е што онлајн образованието почна да се поврзува со антикризните мерки на државата. Сметаме дека тоа е погрешно. Џетмајндс постоеше на пазарот и пред кризата. Располагаше со високо квалитетни едукативни материјали, целосно функционална платформа и воедно сервисот никогаш не падна. Нашите корисници и пред кризата добиваа квалитетна услуга. Тоа не е ништо спектакуларно, туку е за очекување од компанија од приватниот сектор.
Во едно капиталистичко општество, државите го поттикнуваат развојот, но компаниите се главните двигатели на иновациите. Замислете како ќе изгледаше електричниот автомобил денес ако го правеше Министерството за енергија на САД наместо Тесла? Како ќе изгледаа социјалните мрежи ако ги развиваше Министерството за одбрана наместо Фејсбук? Како би изгледала вашата вечера ако беше произведена од Министерство за земјоделие?
Ние во Македонија, во однос на образованието, денеска имаме обратна состојба. Државата го зголеми опсегот на тоа што значи образовен систем. Поради тоа направи и промени во законите. Воедно, го преплави медиумскиот простор со ПР-објави, кои дадоа дојам во општеството дека не постои алтернатива, што не е точно. Ако изговорот за тоа е постоењето на криза, во ред. Меѓутоа, како што кажавме и претходно, погледнете ги постапките на соседна Бугарија и поддршката на локален стартап во една идентична состојба. Прочитајте како САД ја имаат искористено Втората светска војна за надминување на Големата депресија со ангажирање на приватниот сектор во производството на воената машинерија. Доколку сакаме квалитетно образование и високи плати, тогаш мораме да ги заштитиме компаниите. Во спротивно ќе работиме за странски компании за најниска можна цена.
Можеби новиот кабинет во МОН не е запознаен со Џетмајндс. Во таа насока, ние како компанија остануваме отворени за соработка бидејќи сметаме дека можеме да придонесеме значително многу во унапредување на онлајн-образованието и денес.
Последни објави
Архива
Cookie | Duration | Description |
---|---|---|
cookielawinfo-checkbox-analytics | 11 months | This cookie is set by GDPR Cookie Consent plugin. The cookie is used to store the user consent for the cookies in the category "Analytics". |
cookielawinfo-checkbox-functional | 11 months | The cookie is set by GDPR cookie consent to record the user consent for the cookies in the category "Functional". |
cookielawinfo-checkbox-necessary | 11 months | This cookie is set by GDPR Cookie Consent plugin. The cookies is used to store the user consent for the cookies in the category "Necessary". |
cookielawinfo-checkbox-others | 11 months | This cookie is set by GDPR Cookie Consent plugin. The cookie is used to store the user consent for the cookies in the category "Other. |
cookielawinfo-checkbox-performance | 11 months | This cookie is set by GDPR Cookie Consent plugin. The cookie is used to store the user consent for the cookies in the category "Performance". |
viewed_cookie_policy | 11 months | The cookie is set by the GDPR Cookie Consent plugin and is used to store whether or not user has consented to the use of cookies. It does not store any personal data. |